Џејмс Огустин Алојшис Џојс (англиски: James Augustine Aloysius Joyce), попознат како Џејмс Џојс (James Joyce; 2 февруари 1882 – 13 јануари 1941) — ирски модернистички писател, еден од најзначајните писатели во книжевноста напишана на англиски јазик. Џојс се смета за родоначалник и втемелувач на прозниот и експериментален пристап, познат под името „состојба на свеста“, а со своите дела извршил големо влијание врз светската книжевност.
На почетокот на книжевната кариера, Џојс имал големи тешкотии при објавувањето на своите дела, а поддршка му давале само авангардните писатели, како Езра Паунд, Виндам Луис, Ричард Олдингтон и Т.С. Елиот. На пример, збирката раскази „Даблинци“ ја напишал во 1905 година, но со судни маки успеал да ја објави дури во 1914 година; делото „Портрет на уметникот во младоста“ било напишано во периодот 1904-1914 година, но било објавено во 1916 година, и тоа во САД; неговото капитално дело -— романот „Улис“ е создадено во 1921 година, следната година доживеало неколку неофицијални објавувања, а официјалното издание во САД се случило дури во 1933 година.









