Моби Дик 2

Moby Dick or the Whale 2

Издавач: КСЦ
Број на страници:
Година на издание:

315МКД

Во што е неповторливоста на ова големо дело? Како што забележува Алфред Казин, Моби Дик е врвно остварување токму поради тоа што не ни дозволува да го сведеме на тематска парафраза. Не можеме ниту лесно да го сместиме во жанровски категории. Приказната е навидум едноставна: Ахав, капетан на американскиот китоловен брод Пиквод, тргнува да му се одмазди на големиот бел кит, наречен Моби Дик, кој му ја одгризал ногата, но во тој маничен лов на китот загинуваат и капетанот и целата негова посада, освен еден, Исмаил, сведокот што во прво лице ни ги раскажува собитијата. Сепак, Моби Дик не е реалистичен роман за егзотични морски авантури. Во него се испреплетуваат природонаучни факти и народни верувања, детална дескрипција на природните феномени и симболички претстави. Се редат наизменично филозофски медитации и драмска напнатост, трагичниот набој расте покрај богати дози хумор, нарацијата ја одменуваат монолози, сценски дијалози и дидаскалии, а нив, пак, подробни описи на анатомијата на китот, есеистички забелешки, библиски егзегези и поетски проблесоци. Секој елемент станува симбол: бродот Пиквод, во чија посада има претставници од различни раси и култури, е синегдоха за светот, китоловството се чита како голема метафора на човековата гносеолошка потрага, а двата видови голем кит, правокитот и спермокитот, се претвораат во персонификации на двете класични филозофски школи – стоицизмот и платонизмот. Со таквата своја композиција, Моби Дик им се измолкнува на сите класификации. Како што посочува Безансон, во овој роман се мешаат жанровите проповед, сон, патопис, автобиографија, драма и епска поезија. Тој е, како што велат други критичари, едновремено и роман-енциклопедија, и песна во проза. Со еден збор, Моби Дик е роман-симфонија, дело што го претекнало своето време. Дека е тоа така сведочи и силната автореференцијална димензија: романот изобилува со коментари за самиот чин на пишување, како и за процесот на читање и толкување. Во едно од поглавјата, Мелвил заклучува дека е невозможно да се исцрпи конечната смисла, поради што и пишувањето е секогаш незавршено, тоа е само обид за целина, „нацрт за нацртот“.