Јован Дучиќ (српски: Јован Дучић) (Требиње, 15 февруари 1874 – Гери, 7 април 1943) — српски и југословенски писател, поет и дипломат. Еден од најзначајните поети на српскиот модернизам и водечки лиричар. Бил еден од основачите на Народна одбрана, национална невладина организација во Кралството Србија.
Првата збирка песни Дучиќ ја објавил во Мостар во 1901 година во издание на списанието Зора; втората ја објавил во Белград во 1908 година, во издание на Српска книжевна задруга. Пишувал и проза: неколку литературни есеи и студии за писатели, Богатството на царот Радован (српски: Благо цара Радована) и поетски писма од Швајцарија, Грција и Шпанија.
За дописен член на Српска кралска академија бил избран во 1924 година, а за редовен член во 1931 година.









