Антон Павлович Чехов (Таганрог, Русија, 29 јануари (17 јануари по стар календар) 1860 – Баденвајлер, Германија, 15 јули 1904) — руски раскажувач, романописец и драмски писател, припадник на правецот натурализам. Најпознати негови дела се драмите „Галеб“, „Три сестри“, „Вујко Вања“ и „Вишновата градина“, како и збирките раскази „Човекот во футрола“, „Куќа на кат“ и „Селани“. Извршил големо влијание врз развојот на романот и драмската книжевност во светот. Во своите драми, раскази и новели го прикажал руското секојдневие давајќи цела галерија промашени, несреќни и несфатливи луѓе.
Антон Павлович Чехов роден е во градот Таганрог на 29 јануари 1860 година, а умрел 15 јули 1904 година, во Баденвејлер (Јужна Германија). Погребан е во Москва. Татко му се викал Павел Егорович Чехов (1825-1898), а мајка му била Евгенија Јаковлевна (родена Морозова) (1835 – 1919). Тој имал неколку браќа и сестри: Александар – писател и јазичар (1855 – 1913), Николај – сликар (1858 – 1889), Михаил – писател и правник (1868 – 1936), Иван – учител (познат московски педагог) (1861 – 1922) и Марија – сликарка (1863 – 1957). Сите деца на Чехови биле исклучително надарени, високообразовани луѓе.








