Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 — Лопушник, 13 јуни 1943 ) — македонски книжевник и комунист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Самобор, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.
Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.







