Абрахам Стокер (8 ноември 1847 — 20 април 1912) ― ирски писател што се прославил со својот роман на ужасите Дракула од 1897 година. Во младоста, Стокер работел како театарски критичар во ирски весник и пишувал статии и коментари. Починал на 20 април 1912 година од локомоторна атаксија и бил кремиран во Северен Лондон. По смртта, неговото најзначајно дело Дракула станало едно од најпознатите дела во англиската литература, а романот е адаптиран за бројни филмови, раскази и драми.[1]
Додека бил студент преку неговиот пријател д-р Маунсел, Стокер се заинтересирал за театарот. Станал театарски критичар за Dublin Evening Mail.[5] Театарските критичари во тоа време биле слабо ценети, но тој се истакнал со квалитетот на неговите критики. Во декември 1876 година, тој дал поволна рецензија за претставата Хамлет од Хенри Ирвинг во Кралскиот театар во Даблин. Ирвинг го поканил Стокер на вечера и тие станале пријатели. Стокер, исто така, пишувал приказни, а „Кристална чаша“ била објавена од Лондонското друштво во 1872 година; по неа бил објавен „Синџирот на судбината“ во четири дела во Шамрок. Во 1876 година Стокер ја напишал нефикциската книга Должностите на службениците на ситните сесии во Ирска (објавена 1879 година). [4] Исто, бил заинтересан за уметност и бил основач на Даблинскиот скицарски клуб во 1879 г.









