Птици во аквариум : надреализам : 1924–2024

Птици во аквариум : надреализам : 1924–2024

Автор: Лидија Капушевска-Дракулевска Влада Урошевиќ

Издавач: ПОЛИЦА
Жанр: есеј
Број на страници: 325
Година на издание: 2023

600,00МКД

Безбедно плаќање
Сигурна испорака

Стогодишнината на надреализмот

Пред да седнам да го пишувам кусиот предговор за книгата „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“ од Влада Урошевиќ и Лидија Капушевска-Дракулевска, решавам да го направам она што секојдневно го прават околу 4,8 милијарди луѓе во светот: да се вклучам на една од постојните социјални мрежи. Кога се вклучувам, првото што го гледам е објава на една моја познајничка составена од хаику-песна илустрирана со фотографија во стилот на францускиот фотограф Анри Картие-Бресон. Веднаш по неа, следува препорака од пријателката што кликнала дека ѝ се допаѓаат услугите на онлајн супермаркет, придружени со фотографија во која продавницата информира дека секоја недела воведува 500 нови производи во својата палета. Под нив, цитат од познат кошаркар, зборува за важноста на постојаните обиди да се усовршува телото. На ова се надоврзува фотографија на Мона Лиза составена од износени маички и гаќи, па цедалка за лимони од проѕирна пластика во форма на вселенски брод, под која е залепена фотографија од Мартин Пар насловена „Жена и маж на кои им е здодевно“. Под фотографијата има реклама за чај за слабеење, па следува логото на првата македонска авиокомпанија, по што се појавува фотографијата на тиркизните чевлички на една познајничка од Бугарија, фотографирани од птичја перспектива. На фотографијата се надоврзува друга фотографија, сега од жабја перспектива, на кулата „Мармака“ од Ријад, по која доаѓа изјавата на познајничка што цитира реплика на својот син откако ги слушнал стиховите на позната детска песничка. Продолжувам надолу и гледам реклама за нова зграда во населбата Новоселски Пат, на која се надоврзува новата фризура, фотографирана во огледало на тоалетот, на жена што тука ја гледам првпат во животот. Бојата на косата е зелена.

Не поминаа повеќе од две минути, а ми се чини дека на социјалната мрежа го доживеав она што надреалистите го опишуваа како еден од највисоките естетски идеали за тоа што треба да содржи поетската слика. Слика во која според принципите на неочекуваност и изненадување се случила средба на две или повеќе оддалечени или спротивни реалности, предмети, поими, помеѓу кои нема никаква сродност. Основниот постулат за убавината на надреалистичката слика или често цитираната споредба на Лотреамон, „убав како случајна средба на машина за шиење и чадор на операциона маса“, се чини дека денес го заплиснува секој корисник на социјалната мрежа, во која според логиката на претходно наместениот алгоритам до футуристичката кула од Саудиска Арабија се појавуваат тиркизни женски чевли застанати на тревник во софиската населба Лозенец.

Во својот манифест на надреализмот, Андре Бретон ќе каже: „Сликата е чиста креација на духот. Неа не може да ја роди некоја споредба, туку зближувањето на две помалку или повеќе оддалечени реалности. Колку подалечни и поверни ќе бидат односите меѓу двете зближени реалности, толку сликата ќе биде посилна и толку повеќе ќе има емотивна и поетска стварност.“ Зборувајќи за овој естетски идеал, Лидија Капушевска-Дракулевска ќе додаде дека „постапката на спојување две оддалечени реалности резултира со ефектот на изненадување на рецепциски план; станува збор за своевидна ’естетика на сензационалното‘, затоа што духот на читателот не е подготвен за нешто неочекувано што ги збунува сетилата, ја поништува нашата навикната свест и овозможува влегување во сферите на надреалното“.

Надреалистите зборуваа за сликата наркотик, за неконтролираното предизвикување на сликата заради слика, за сликата што принудува одново да се преиспита светот. Неполни сто години подоцна живееме во времето на сликите, кои навлегувајќи во нашиот живот преку главните медиуми што ги користиме суштински го моделираат нашиот свет. Тие слики со својата радикална природа не само што ни го привлекуваат вниманието, туку и го конструираат нашиот свет. Во својата основа, логиката на овие слики ја носи логиката на моќта на сликата дефинирана од надреалистите. Како дошло до тоа денес, сто години по официјалната појава на надреализмот и теориското дефинирање на наркотичната сила на сликата што го спојува навидум неспоивото, предизвикувајќи визуелни и духовни „сензации“, како еден вид обична норма, секојдневие, нешто вообичаено и сосема во составот со обичното, не само естетско, туку и секојдневно животно доживување да го имаме тоа секојдневие на непредвидените споеви? Дали тоа значи дека еден дамнешен естетски идеал денес е претворен во секојдневна реалност?

* * *

Во времето кога се појавува надреализмот, тој носи едно ново, радикално поимање на светот. Иако, како уметнички правец, надреализмот може да се поврзе со одредени трансисториски феномени од историјата на уметноста, во мигот на неговото теориско дефинирање тој се спротивставуваше на тогашниот вкус во уметноста и прифатените уметнички практики. Слични беа амбициите на надреалистите во врска со животот. Борејќи се против животните норми на своето време, против правилата и моралот на граѓанскиот живот од третата деценија на XX век, надреалистите се обидоа да понудат уметничка и животна алтернатива на закостениот, конзервативен и здодевен живот што ги потиснува потребите на човекот и ја ограничува неговата слобода.

Сто години по објавувањето на „Првиот манифест на надреализмот“, нам ни е тешко да ја замислиме радикалноста на надреализмот. Зашто она за што се залагаа надреалистите (како на ниво на естетски слободи и идеали, така и на ниво на секојдневниот живот) не само што се доживува како нешто најприродно, туку и надреалистичкиот вкус за уметноста по малку се претвора во норма. Надреалистичките уметнички стојалишта и принципи денес се нешто сосема обично, секојдневно, тие се составен дел не само од уметноста, туку и од секојдневниот вкус на епохата. Надреализмот се прелеа насекаде. Денес лесно може да го најдеме во рекламите, во дизајнот, во музичките спотови, во пакувањата на производите, во цртаните филмови, во телевизиските емисии базирани врз концептот „скриена камера“, во модата, во играчките и во голем број други облици на популарната култура. Така, од еден револуционерен начин на доживување и осмислување на светот, надреализмот денес е наше секојдневие, вообичаеност, норма на креативното размислување. Дали тоа е негов успех или неуспех?

* * *

Книгата „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“ од Влада Урошевиќ и Лидија Капушевска-Дракулевска претставува сеопфатна аналитичка студија и преглед на генезата, развојот, теоријата, темите, техниките, митологијата и феномените на надреализмот. Освен тоа, оваа студија на исклучително акрибичен начин го анализира односот на надреализмот со некои други книжевни правци или жанрови (симболизмот и фантастиката, на пример) и други општествени активности (политиката).

Иако во центарот на вниманието се наоѓа францускиот надреализам, книгата содржи важен регионален аспект, донесувајќи темелен преглед на српскиот надреализам. Истовремено, оваа студија нуди панорама на распространувањето на надреализмот во голем број светски книжевности и култури, од англиската, шпанската, германската, американската, италијанската, чешката, романската, белгиската и другите европски книжевности, па сè до литературите во земјите од Латинска и Централна Америка и Јапонија. Она што е особено важно за нашата книжевна средина се двата есеи во кои се согледува односот на надреализмот и современата македонска поезија, како и надреалистичките постапки во современата македонска поезија. Поради сето ова, „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“ не само што претставува едно од најцелосните толкувања на надреализмот, туку истовремено е и најтемелната студија за некој книжевен правец објавена кај нас.

Книгата е пишувана врз принципот на афективната теорија, во која строгиот теориски пристап се комбинира со силната наклонетост и страст за темата за која се зборува. Лично обоените и биографските текстови заедно со објавените песни претставуваат емотивна посвета на еден од авторите, за кого „надреализмот е негова голема љубов“.

* * *

Ако некој во 1993 година, непосредно по излегувањето на антологијата на францускиот надреализам „Големата авантура“ на Влада Урошевиќ, во центарот на Скопје го прочитал графитот „Надреализмот не е мртов!“ и се прашал дали тоа навистина е така, денес, во предвечерието на стоте годините од официјалниот почеток на надреализмот слободно можеме панкерската негација да ја претвориме во едноставна афирмација: „Да, надреализмот е жив!“

Надреализмот е жив поради пристапот кон креативноста и деконструкцијата на воспоставените норми и конвенции, кој истовремено нуди алатки за длабоко продирање во човековиот ум и потсвест без да се напушти релацијата со општествените структури и „реалноста“. Во денешниот хаотичен, на чуден начин преплетен и поврзан, свет, појавите што современиот човек ги перципира околу себе или ги открива длабоко во себе често ги опишува користејќи ја придавката надреалистички, а голем број феномени и искуства од животот ги доживува како надреални.

Надреализмот почна како уметнички правец, а сто години подоцна трае како вкус на времето на една епоха. Уметност излезена од својот медиум и стопена со животот. Нема поголема потврда за живоста на еден уметнички феномен од ова.

                                                                                                                                                                                                                                                                                                          Владимир Јанковски